Top Sport

Голманот кој се подготвуваше за крајот на светот

Поранешниот голман на Мајорка и на аргентинската репрезентација, Карлос Роа остана познат по тоа што ја прекрати својата кариера во најдобрите денови, за заедно со своето семејство да го чека крајот на светот.

Ексцентричниот голман, кој беше мета на Манчестер јунајтед, потоа се врати на фудбалот и продолжи да игра дури и откако му беше дијагностициран рак на тестисите.

Од почетокот Роа покажа неверојатна постојаност и издржливост. Како јуниор во аргентинкиот тим Расинг клуб тој преживеа маларија, по што се врати и се пресели во тимот на Ланус, носејќи им ја првата титула во историјата во 1996 година, кога триумфираа на КОНМБОЛ купот.
Следната година, тој доби голема шанса, и се пресели во шпанската Мајорка, каде што по солидната деби-сезона во 1997/98, беше херој на Светското првенство, каде што го одбрани пеналот на Дејвид Бати за да ја елиминира Англија во осминафиналето. Аргентинскиот сон заврши во четврт-финалето со пораз од Холандија предводена од Денис Бергкамп, но се очекуваше Роа да биде вистинската ѕвезда.

Следната сезона тој стигна до третото место во Ла лига со Мајорка (нивни најдобар финиш во историјата), а Манчестер јунајтед беа подготвени да го направат наследник на Петер Шмајхел.

Меѓутоа, како член на адвентистичката црква, Роа беше сигурен дека новиот милениум ќе ја донесе апокалипсата и во 1999 година замина од спортот.

„Морам да се подготвам за крајот на светот, на местото каде што Бог ќе ни обезбеди сè што е потребно.

Тој заврши во Виља де Сото, покрај планините на Кордоба, каде што живееше во изолација со своето семејство.

„Никогаш не сакав да бидам фудбалер и тоа не ми недостасува. Среќен сум без фудбалот“, изјави тој за весникот „Оле“, откако нивните новинари шест месеци го бараа низ Аргентина.

Кога армагедон не се случи, Роа се врати во Мајорка, под услов дека нема да мора да работи во саботите. Во Шпанија не успеа да ја врати старата слава, и во 2002 година замина во второлигашот Албасете, со кој влезе во елитата следната сезона.

Во 2004 стигна нов шок – рак на тестисите, по што уште еднаш се пензионираше. Тој ја победи болеста, за да се врати на фудбалот во Аргентина, за тимот на Олимпико, пред конечно да се повлече во 2006 година.

По пензионирањето, човекот со прекар „лечуга“ (салата) поради неговата вегетеријанска диета, стана тренер на голманите, прво во локалните клубови, а потоа заедно со Матијас Алмеида во Ривер Плејт, кога аргентинскиот гигант беше во втората лига, помагајќи да влезат во првата лига во 2011/12.

По ова, Роа се пресели во Чивас, Мексико, каде што живее од 2015 година и со тимот од Гвадалахара освои четири титули. Неверојатна приказна која уште трае.

Scroll to Top