Поранешниот менаџер на Челси, Аврам Грант вели дека актуелните англиски шампиони направиле огромна грешка кога дозволиле Диего Коста да се врати во Атлетико Мадрид по конфликтот со Антонио Конте.
Конте на крајот на минатата сезона преку СМС-порака му соопшти на Диего Коста дека не смета на него за новата сезона, по што шпанскиот репрезентативец замина во Бразил каде што индивидуално тренираше, пред во јануари да го комплетира трансферот во Атлетико за 57 милиони фунти, откако тимот од Мадрид претходно имаше забрана за трансфери.
Грант вели дека Коста, кој освои две титули од Премиер лигата со Челси бил клучен играч за тимот.
„Не смеете да пуштите напаѓач како Диего Коста толку лесно и да си мислите дека сè ќе биде во ред. Денеска клубовите никого не пуштаат лесно, бидејќи има многу пари во спортот. Ако го одземете Диего Коста ќе сфатите зошто Челси нема успех оваа година“, вели Грант.
Тој исто така стравува дека Челси ќе имаат проблеми да ги привлечат најдобрите играчи на светот без настап во Лигата на шампионите следната сезона, но верува дека клубот ќе се врати на титулите.
„Секако, тоа ќе влијае бидејќи најдобрите сакаат да играат во ЛШ. Челси не беше таму две години и дури кога ја освои титулата беше на шестото место во Англија. ова не е првпат, но треба да се реагира. Клубот секогаш реагирал по лоша сезона. Конте треба да остане и да сум на негово место ќе направам сè да имам уште една сезона да се докажам“, додава Грант.
Фото: ЕПА