Новото засилување на Евертон, Џек Грилиш, изјави дека сакал да оди само на едно место откако му се приклучи на клубот како позајмен играч од Манчестер сити.
Грилиш се пресели од Сити како позајмен играч во Евертон до крајот на сезоната и е шестото засилување на клубот од Ливерпул во летниот преоден рок.
Тој рече дека разговорите со менаџерот Дејвид Мојес биле одлучувачки да ја донесе одлуката за преселба на стадионот „Хил Дикинсон“.
„Пресреќен сум што потпишав за Евертон. Ова е голем клуб со одлични навивачи. Штом разговарав со менаџерот, знаев дека има само едно место каде што сакам да одам. Бев преплавен со пораки од навивачите на Евертон на социјалните мрежи, па затоа постои и таа страна од приказната и тоа е уште една причина зошто го избрав Евертон“, рече Грилиш, објави Би-Би-Си.
Грилиш го зеде дресот со број 18, кој го носеа легендата на клубот Пол Гаскоњ и Вејн Руни.
„Моите двајца омилени англиски играчи отсекогаш биле Руни и Гаскоњ. Штом знаев дека договорот е блиску, морав да проверам дали бројот 18 е достапен, што е совршено“, рече Грилиш.
Тој би можел да го има своето деби за Евертон во понеделник против Лидс во првото коло од Премиер лигата.
Во август 2021 година, Грилиш се пресели од Астон Вила во Манчестер сити за во тоа време британски фудбалски рекорд од 100 милиони фунти.
Тој играше за Сити во 157 натпревари, постигна 17 гола и освои три титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, ФА Купот, Европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство.