Ако на некого не му беше јасно зошто Атлетико прави сѐ што може да го задржи Антоан Гризман во својот тим, тоа апсолутно се разјасни кога Французинот постигна два гола за 3:0 победа над Олимпик Марсеј во финалето на Лигата на Европа во Лион.
Гризман прво во 21. минута ја казни грешката на голманот Стив Манданда и на одбраната на Марсеј, а потоа на почетокот на второто полувреме, во 49. минута од мечот Гризман доби одлична топка од Коке за да зголеми на 2:0 и да стави крај на надежите на Марсеј пред преполните трибини со навивачи да направи пресврт.
Габи во 89. минута само стави печат на победата на тимот на Диего Симеоне (кој мечот го следее од трибините поради суспензијата од УЕФА), со која се освојува четвртата титула од европските купови за тимот од шпанската престолнина.
Атлетико по третпат триумфира во Лигата на Европа (по 2010 и 2012 година), а во 1962 година го освои сега непостоечкиот Куп на победниците на куповите.