Французинот Антоан Гризман вели дека не жали што потпишал за Барселона и дека му било чест да игра за клубот, откако во текот на летото се врати во Атлетико Мадрид, а критичарите неговиот престој на „Ноу Камп“ го оценија како тежок неуспех.
„Бев среќен што отидов таму, каде што имав неверојатни соиграчи. Научив многу од тренерите, иако понекогаш не играв и ситуацијата беше компликувана. Но, не беше катастрофа, бидејќи дадов речиси 20 гола во сезона и за мене останува голема гордост да се биде во Барселона“, вели Гризман во интервју за францускиот „Телефут“.
Сега, на старото место помеѓу „рохибланкос“, тој првично не беше пречекан со ентузијазам од страна на навивачите на клубот, но вели дека работите се подобруваат.
„Бев загрижен, знаев дека имаме лош старт, но дека ќе ја вратам довербата ако имам добри мечеви. Тие ме сакаат за тоа кој навистина сум, така што тоа е совршено за мене. Имам тренер кој ми верува, клуб кој ми верува, мојата сопруга е среќна, децата ми се среќни, што повеќе би посакал?“, додава Гризман.