Изненадувања, контроверзи, прекрасни голови, драма во финишот, досадни и калкулантски мечеви… На Мундијалот досега видовме речиси сѐ, но од утре почнува „вистинското“ – безмилосната нокаут фаза, каде веќе нема шанси за поправен испит.
Во 48 натпревари на Мундијалот во Русија досега имаше 122 гола (просек од 2.5 по меч), речиси на нивото на турнирот во 2014 и само едно реми без голови – ужасниот меч меѓу Франција и Данска во кој двете репрезентации немаа мотив да направат повеќе.
Најважниот момент во групната фаза, секако беше неочекуваната елиминација на шампионите Германија, а многу блиску до нив беа и Аргентинците, кои во драматичен меч против Нигерија едвај ја минаа групата.
Беше и драматично – 26 голови се постигнати по 80-тата минута од мечевите, од кои 13 голови беа за израмнување или за победа. Маркос Рохо, дефанзивецот на Јунајтед го постигна клучниот гол за Аргентина во 86. минута против Нигерија, а беше драматично и кога Тони Крос во судиското продолжение постигна фантастичен гол за Германија за 2:1 победа за Шведска, која се покажа дека беше само блесок во бледата претстава на шампионите.
Најмногу контроверзи сепак предизвика ВАР-системот, кој дебитираше на едно големо натпреварување, кое иако елиминираше некои спорни ситуации, создаде многу нови.
Русија покажа дека може да биде совршен организатор кога ќе се потруди, со многу фанови од сите краишта на светот на полните стадиони. Европските фанови можеби се во најмал број и покрај географската близина, но затоа е полно со фанови на јужноамериканските репрезентации.
Стравувањата од хулиганство и расизам на трибините се покажаа како неоправдани, а домаќините неочекувано влегоа во осминафиналето првпат од распаѓањето на Советскиот Сојуз.
Елиминацијата на Германија и неуспехот на Аргентина да ја освои својата група донесе помалку небалансирана ждрепка, во која во горниот дел има еден куп фаворити за титулата – Бразил, Аргентина, Португалија, Франција и Белгија.
Со ова се остава можност да имаме изненадувачки финалист во Русија – Англија, Хрватска и Шпанија веруваат дека имаат шанси за тоа, но исто сонуваат и Швајцарија, Шведска и Колумбија.