Пред дербито со Арсенал, менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, зборуваше и за својот пријател и поранешен помошник Микел Артета, сегашниот менаџер на лондонските „топџии“.
Дербито на петтото коло од Премиер лигата се игра во недела во Лондон, каде што Арсенал го пречекува Манчестер Сити.
„Топџиите“ беа вицешампиони на Англија во последните три сезони, двапати зад „граѓаните“ на Гвардиола, а минатата сезона зад Ливерпул на Арне Слот. Сега тие повторно се меѓу најсериозните кандидати за титулата, особено откако доведоа неколку исклучително квалитетни засилувања.
„Сакам да му кажам на мојот пријател, Микел Артета, ако ја освои титулата во Премиер лигата, тоа ќе биде само поради вложените пари, а не затоа што тој и неговите играчи работеа напорно“, им рече Пеп Гвардиола на собраните новинари и додаде:
„Исто како и Ливерпул. Ако Арне Слот повторно ја освои титулата, тоа ќе биде затоа што потроши многу пари оваа година, нели? Затоа што тоа не му се случи само на Манчестер сити, нели? Значи, сите го прават тоа…“.
Манчестер сити е најуспешниот тим во Премиер лигата во последната деценија, во претходните осум сезони беше шампион шест пати, но медиумите секогаш констатираа дека тоа е најмногу поради многу потрошени пари.
„Со години, секој клуб може да прави што сака. Знам дека начинот на кој се однесуваат кон нас е сосема различен, но сите клубови трошат затоа што сакаат“, рече Шпанецот.
По четири одиграни натпревари, тимот на Гвардиола има две победи и исто толку порази, и со шест бода го зазема осмото место на табелата во Премиер лигата. Ливерпул е прв со максимални 12 бода, Арсенал втор со девет.
Фото/ Принтскрин