Пеп Гвардиола вели дека великанот на Барселона, Серхио Бускетс еден ден ќе стане голем тренер, бидејќи одлично ја познава фудбалската игра.
Бускетс го имаше својот 500. настап за Барселона минатиот викенд при 1:1 ремито со Атлетико Мадрид. Гвардиола му даде на шпанскиот репрезентативец шанса во првиот тим на „Ноу Камп“, а му беше тренер и во Барселона Б во сезоната 2007/08.
„Имав среќа што работев со него. Не му беше лесно бидејќи на позицијата на која почна да игра, имаше многу конкуренција и тој беше зад Јаја Туре. Затоа на крајот Туре дојде да игра во Манчестер сити. Знаев што може да направи и неговите успеси во кариерата дојдоа бидејќи е умен и многу добар фудбалер. Може да биде горд. 500 натпревари за Барселона не се стигнуваат лесно. Се надевам дека ќе игра уште многу години, но веќе не е тинејџер. Затоа мислам дека многу скоро ќе го видиме на позицијата на тренер. Тоа би било совршено“, вели Гвардиола.