Италијанскиот менаџер на Брајтон, Роберто де Ѕерби е највлијателниот фудбалски тренере во последните 20 години, тврди Пеп Гвардиола пред утрешниот меч со Брајтон, кој не е многу значаен за Сити по освојувањето на титулата од Премиерлигата и фокусот кон ФА куп финалето и финалето во Лигата на шампиони.
Де Ѕерби го замени Греем Потер, кој замина во Челси, воодушевувајќи со фантастичните резултати и обезбедувајќи прв настап на Брајтон во европските натпреварувања. Брајтон има сигурно место во Конференциската лига, а со освоен поен, тие ќе стигнат и до Лига Европа. Гвардиола и претходно го фалеше Италијанецот, а сега го спореди негеовиот фудбал со ресторан со ѕвездичка на „Мишелин“.
„Внимавајте што ќе кажам. Сигурен сум во тоа што го кажувам – Роберто е еден од највлијателните менаџери во последните 20 години. Нема тим што игра на начин како што играат тие, тоа е уникатно. Имав чувство кога пристигна дека ќе има влијание во Премиерлигата, но не очекував да го направи тоа толку бргу. Тие креираат 20-25 шанси по натпревар, повеќе од речиси сите противници, ја монополизираат топката на начин каков што одамна не е виден. Сите се вклучени во играта, голманот игра како фудбалер од средниот ред. Ако не играте на високо ниво, ќе ви прави што сака. Ги заслужуваат сите комплименти и успех. Тие се еден од тимовите од кои се обидувам да научам многу. Уникатно, како ресторан со ѕвездичка од ‘Мишелин’. Во Каталонија тука беше ‘Ел були’ со Феран Адрија, најдобриот готвач толку многу години и тој ја смени храната. Исто како Брајтон“, објаснува Гвардиола.
Запрашан што научил од Де Ѕерби, Гвардиола објасни.
„Времето кое им е потребно да направат одлука. Брајтон се мајстори во додавањето на топката до слободниот играч и во тајмингот. Се движат на вистински начин, со вистинско темпо и секогаш до вистинскиот човек. Делот на кој играат агресивно на топка е истиот од Греем Потер. Човек-на-човек, не им е грижа што ќе се случи. Кога ќе се движи противникот, додаваат. Тоа е вистинско темпо“, додава Пеп.