Top Sport

Гвардиола: Кога Јунајтед и Арсенал трошат пари тоа не е вест, вест е само кога Сити троши

Сезоната во Англија започнува со денешниот натпревар меѓу шампионот Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, освојувачот на ФА Купот.

Градските ривали играат на Вембли од 16 часот за Суперкупот или како што официјално се нарекува Комјунити Шилд.

На прес-конференцијата пред натпреварот, новинарите го прашаа Хосеп Пеп Гвардиола дали е загрижен што ривалите Јунајтед и Арсенал трошат многу на засилувања ова лето.

Тренерот на Сити даде одговор кој стана вирален: „Јунајтед и Арсенал го прават тоа многу години. Вест е само кога Манчестер Сити троши пари. Тие го прават сето тоа за да ја преземат круната која е наша веќе четири години“.

Инаку, Манчестер Јунајтед летово ги доведе стоперот Лени Јоро за 62 милиони евра и напаѓачот Џошуа Зиркзе за 42 милиони евра. Арсенал за 45 милиони евра го доведе дефанзивецот Рикардо Калафиори.

Сити досега е невообичаено штедлив. Клубот штотуку го купи десното крило Савињо за 25 милиони евра, но од Троа, кој исто така е дел од семејството на Сити Фудбал Груп од Емирати.

Scroll to Top