Пеп Гвардиола не е сигурен дали можниот кам-бек на Нејмар во тимот на Барселона би бил добар за клубот, иако тој несоменно е „посебен“ фудбалер.
Само две години откако си замина од „Ноу Камп“, Нејмар повторно е поврзуван со враќање во каталонскиот клуб, но поранешниот тренер Гвардиола вели дека не е гарантирано дека работите ќе тргнат на добро.
„Нејмар е посебен фудбалер, но навистина не знам дали е добро да се врати. Дали ќе биде истиот? Не знам дали ќе биде истиот фудбалер, но во квалитетите не можеме да се сомневаме. Не ги правам јас тие одлуки“, вели Гвардиола, кој летото го поминува во својата татковина.
Тренерот на Манчестер сити одговори и на постојаните критики дека ја нема освоено титулата од Лигата на шампионите по заминувањето од Барселона.
„Секако, би сакал да ја освојам титулата од ЛШ. Но, во лигата е правиот успех, бидејќи секои два-три дена мораш да победуваш. Во Англија лигата е многу тешка и тоа се покажува со тоа што Манчестер сити се првиот тим по 11 години кој ја одбранил титулата, додека Барселона повеќе пати го направи истото“, додава Гвардиола.