Top Sport

Гвардиола: Ливерпул треба да покаже на теренот дека може до титулата

Менаџерот на англискиот шампион Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека не е загрижен за големото трошење на пари на Ливерпул во обид да ја донесат титулата од Премиер лигата, признавајќи дека нивниот успех е главниот „виновник“ за ова.

Гвардиола зборуваше пред вториот меч од американската турнеја, токму против Ливерпул во Њујорк во четврток, откако „црвените“ во летниот преоден рок ги донесоа Џердан Шаќири, Наби Кеита, Фабињо и Алисон, а преговараат уште со Набил Фекир и Томас Лемар. Сити пак, ова лето го донесоа само Ријад Марез од Лестер.

„Секој клуб го прави тоа во што верува. Целосно ги сфаќам Ливерпул. Не сум загрижен за тоа што некој кажал претходно за купувањето играчи. Ако Ливерпул веруваат дека треба да трошат толку пари, тогаш тоа е поради нивниот план. Нашиот успех минатата сезона го предизвика ова. Ливерпул секогаш се борат за титулата, но сега ќе треба да се докажат на фудбалскиот терен“, вели Гвардиола.

Каталонецот исто така првпат зборуваше за неговиот нов тригодишен договор со Сити, со кој ќе остане во Манчестер до 2021 година, велејќи дека мора да се борат за титули секоја сезона.

„Кога решивме да го продолжиме договорот, најважно беше јас да се чувствувам удобно, но и клубот да верува во проектот. Калдун Ал Мубарак, Чики Бегиристаин и Феран Сориано знаат дека сѐ зависи од резултатите. Имам три години од договорот, но резултатите ќе одлучат дали ќе останам. Треба да пристигнеме во април и мај со борба за титулата. Никој менаџер нема сигурна работа“, додава Гвардиола.

Scroll to Top