Манчестер сити беа фаворити кај англиските букмејкери да ја освојат Лигата на шампионите пред осминафиналето, но нивниот менаџер Пеп Гвардиола вели дека тие уште не се подготвени за такво нешто по импресивната и драматична 3:2 победа над Шалке.
„Граѓаните“ направија предност во првиот меч во Германија со израмнувачки гол во 85. минута (Лирој Сане) и победнички гол во 90. минута (Рахим Стерлинг), откако Шалке поведе со 2:1 со два гола од пенал.
„Резултатот е неверојатно добар за нас, бидејќи три гола на гости никогаш не можат да бидат лоши. Им го подаривме првиот гол, потоа и вториот, за на крај и да им подариме црвен картон. Според тоа ниво уште не сме подготвени да се бориме за Лигата на шампионите, но ова е добар резултат. Знам колку е тешко да се игра во Германија – тие немаа ниту еден удар на гол, а постигнаа два гола. Се надевам дека ќе бидеме подобри во иднина“, изјави Гвардиола.
Фото: ЕПА