Top Sport

Гвардиола: Мораме да се вратиме на вистински пат

Пеп Гвардиола вели дека фудбалерите на Манчестер сити мораат бргу да ја вратат самодовербата по вториот пораз во низа во Премиер лигата по кој заостануваат седум поени зад Ливерпул.

Сити поведоа на гости кај Лестер сити, но на крајот загубија со 2:1, откако претходно пред Божиќ загубија од Кристал палас. Гвардиола вели дека сега мора да се реагира по првите два порази едноподруго по повеќе од две години.

„Ова беше слично на мечот против Кристал палас, почнавме добро, но примивме гол во првата нивна шанса. Ментално ни недостасуваше нешто. Мораме да го прифатиме тоа и да сфатиме дека мораме да работиме понапорно и да добиеме бргу добар реултат“, изјави Гвардиола.

Проблемот на Сити повторно беше во одбраната, откако примија пет гола во два порази, додека Ливерпул имаат примено само седум гола во Лигата.

„Секако дека сме загрижени за примените голови, но поважно е да победуваме. За четири дена имаме нов меч и мораме да одговориме. Сезоната е долга и има за што да се бориме. Лани имавме голема разлика, но оваа година Ливерпул и Тотенхем победуваат и се пред нас“, вели Гвардиола најавувајќи го мечот со Саутемптон во недела, пред мега-пресметката со Ливерпул на 3 јануари.

Фото: ЕПА

Scroll to Top