Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола му порача на претседателот на УЕФА, да ја „почитува процедурата“ како одговор на коментарите на Чеферин во врска со наводното прекршување на финансискиот фер-плеј на англискиот клуб.
„Како правник, претседателот на УЕФА прво треба да почека, а потоа да прави што сака. Адвокатот мора да ја почитува процедурата и да разбере дека имаме право да се браниме“, изјави Гвардиола, пренесува Би-би-си.
Чеферин изјави за британски „Телеграф“ дека УЕФА е „во право“ кога го казни Манчестер сити за прекршување на правилата за финансискиот фер-плеј.
Во февруари 2020 година, УЕФА го казни Манчестер Сити со 30 милиони евра и две сезони надвор од европските натпреварувања поради кршење на финансискиот фер-плеј.
Меѓутоа, во јули истата година, Судот за спортска арбитража ја укина таа суспензија поради недостиг на докази и застареност на случајот, а Манчестер сити мораше да плати 10 милиони евра.
Премиер лигата минатиот февруари го обвини Сити за 115 наводни прекршувања на финансиските правила помеѓу 2009 и 2018 година, за време на кои тие беа три англиски шампиони.
Извршниот директор на Премиер лигата, Ричард Мастерс, рече дека е одреден датум за сослушувањето, но дека не може да открие кога ќе се одржи.