Фудбалерите на Манчестер Сити се пласираа во финалето на Лигата на шампионите. Во средата, во реваншот од полуфиналето на домашен терен го декласираа бранителот на титулата Реал Мадрид со 4:0 и со вкупен резултат 5:1 се избрија за место во финалето.
На овој начин му се реваншираа на актуелниот шампион на Европа за болниот пораз во истата фаза од натпреварувањето минатата сезона, му ја одзедоа круната и по втор пат изборија пласман во финалето на елитното натпреварување.
„Минатата сезона беше болно, велеа дека играчите немаат карактер. Сега покажавме дека сме посебна група на луѓе. Од првата минута имавме чувство дека сме подготвени. Пред натпреварот бевме мирни, немаше тензија. Се гледаше дека сме подготвени да го направиме ова на наш начин“, изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Противник во финалето на тимот на Гвардиола ќе му биде Интер.
„Навистина не е пожелно да се игра против италијански тим во финалето. Интер е вистински конкурентен тим, но имаме време да се подготвиме. Сега треба да славиме, бидејќи тоа се случува кога ќе се изборите за пласман во финалето”.
Финалето Интер-Манчестер Сити ќе се одигра на 10 јуни во Истанбул.