Top Sport

Гвардиола: Не сакам споредби со Барселона и Баерн

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, е задоволен од начинот на кој тимот напредува во изминатите два месеца, но не сака овој Манчестер сити да биде споредуван со неговите претходни тимови Барселона и Баерн Минхен.

Гвардиола за четири сезони има 14 трофеи со Барселона, а со Баерн седум за три сезони. Како менаџер на Манчестер сити сѐ уште не освоил ништо, минатата сезона ја заврши на третото место во Премиер лигата, а во ФА-купот беше елиминиран во полуфиналето.

Сити новата сезона ја започна над сите очекувања, а благодарение на победата во дербито против Арсенал дополнително ја зголеми предноста на табелата во однос на конкурентите, Тотенхем, Манчестер јунајтед и Челси.

Исто така, „граѓаните“ по четири натпревари обезбедија место во нокаут-фазата во Лигата на шампионите.

„Не можеме да негираме дека изминатите два месеца се одлични, победивме на сите натпревари што ги игравме. Презадоволен сум. Но, во минатото Барселона и Баерн освојуваа трофеи, а ние сѐ уште немаме освоено ништо. Сѐ додека не подигнеме некој трофеј, не сакам споредби со Барса и Баерн. Сепак, поради начинот на кој играме, не можеме да негираме дека тоа не го правиме добро“, рекол Гвардиола.

Манчестер сити последната титула ја освои во 2014 година. Наредниот меч избраниците на Гвардиола ќе го одиграат на 18 ноември во Лестер.

Scroll to Top