Стартот на сезоната во Премиер лигата е во знакот на Ерлинг Халанд. Норвежанецот во првите три кола постигна седум гола, на последните два натпревари забележа по хет-трик.
Халанд во Манчестер сити има нестварна статистика, на 102 натпревари има постигнато 97 гола и 14 асистенции.
Пеп Гвардиола е воодшевен од она што брилијантниот напаѓач го прикажува на теренот. Тврди дека нема играч кој може да го запре во овој момент, дури ни со пиштол.
„Последниот гол или првиот кога Бернардо му ја додаде топката… Тој е незапирлив. Нема стопер кој може да го запре. Ниту со пиштол. Тоа е невозможно. Тој е премногу моќен”, изјави Гвардиола по победата во Лондон, над Вест Хем (1:3).
Халанд во 2022 година пристигна во Сити од Дортмунд. Со „граѓаните“ има договор до 2027 година. Според „Трансфермаркт“ вреди 180 милиони евра.