Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека играњето против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ веќе не е „страшно“ за никого!
Манчестер сити имаат загубено само еднаш на гости кај градските ривали од февруари 2011 година, низа во која имаа победи од 6:1 и 3:0, а претходно од 1974 до 2008 година, „граѓаните“ не победија ниту еднаш! Двата ривали се среќаваат повторно утре во клучен меч – за Сити во трката со Ливерпул за титулата, а за Јунајтед во борбата за пласман во ЛШ.
„Не сакам да правам теории за тоа што се случуваше во минатото или за тоа што ќе се случува во иднината. Секој меч е различен. Факт е дека нашиот клуб порасна многу последната деценија и веќе не страшно да се игра таму. Фудбалерите кои ги имаа Манчестер сити последната деценија го направија натпреварот поеднаков“, вели Гвардиола.
И покрај ова, тој го поддржа менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер по низата од шест порази во последните осум меча.
„Во нашиот свет, како менаџер се чувствувам блиску до Солскјер. Ние сме осамени во нашата работа и целосно го сфаќам. Се случува на сите и тоа е реалноста“, додава Каталонецот.