Пеп Гвардиола реши да ја „крене“ атмосферата пред дербито Ливерпул-Манчестер сити следниот викенд, обвинувајќи го напаѓачот на „црвените“, Садио Мане дека симулира фаули.
По драматичниот ден во Премиер лигата во кој и Сити и Ливерпул се „испотија“ за победа (Сити против Саутемптон, а Ливерпул против Астон вила), Гвардиола посочи дека Мане, кој го постигна победничкиот гол за Ливерпул, доби жолт картон за симулирање во првото полувреме.
„Тоа не се случува првпат, во последните неколку години, бидејќи Мане е специјален талент. Понекогаш паѓа, понекогаш има талент за прекрасни голови во последната минута. Вистински талент. Дали Ливерпул имаат среќа? Ако е еднаш или двапати, тогаш е среќа, но во последните две сезони тоа се случи многу пати и тие имаат посебен талент“, вели Гвардиола.
Сити немаат победа на „Енфилд“ од 2003 година и ќе го стартуваат мечот со шест поени зад тимот на Јирген Клоп.