Пеп Гвардиола и Манчестер сити се подготвени да чекаат до крајот на сезоната пред да го продолжат договорот на Шпанецот, јавуваат британските медиуми.
Поранешниот стратег на Барселона и Баерн Минхен е во втората година од тригодишниот договор, но сите показатели велат дека тој планира да остане во Манчестер, а и „сините“ се заинтересирани да го задржат во блиска иднина, посебно по одличниот старт на сезоната во Премиер лигата.
Секој нов договор ќе зависи од тоа дали Сити ќе може да ја трансформира оваа форма во титули, но единствено сценарио во кое тој нема да добие договор е катастрофален пад на перформансите. Извори блиски до Каталонецот тврдат дека тој сака да остане само ако освои голем трофеј (лигата или Лигата на шампионите) и сака да го трансформира тимот во доминантна сила во домашниот шампионат и во Европа.
46-годишниот Гвардиола смета дека, конечно, неговите идеи се реализираат на теренот и неговата визија се реализира, а во исто време сопствениците донесоа доста млади играчи во последните две години за изградба на силен тим.
Иако не сака да става премногу товар на грбот на младите играчи како Џон Стоунс, Рахим Стерлинг, Лирој Сане и Габриел Жесус, тој верува дека со ваков тим Сити има блескава иднина.
Гвардиола исто така има одлична соработка со претседателот на клубот Халдун ал Мубарак, кој честопати е на „Етихад“ стадионот и гледа натпреварите, а и неговото семејство, за разлика од многу „медитеранци“ добро се навикнало на животот во тмурната Англија. Шпанецот е еден од најдоброплатените тренери во светот на фудбалот, но познавајќи ги катарските сопственици на тимот, не би било проблем да добие и зголемување на платата.