Тренер на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, изјави дека секогаш е добар знак кога неговите играчи се „лути“ поради тоа што се изоставени од стартниот тим.
Фудбалерите на актуелниот шампион на Европа и Англија го совладаа Борнмут со 6:1 во натпреварот од 11. коло на Премиер лигата.
Жереми Доку на овој натпревар постигна гол и имаше четири асистенции, а во претходното коло против Манчестер јунајтед беше на клупата за резерви, бидејќи Џек Грилиш беше стартер.
„Сакам кога Џек Грилиш е лут и сакам кога тој да игра добро. И потоа Доку да се налути затоа што не ги одигра последните два натпревари. Тоа е начин да се одржи конзистентноста на ова ниво“, изјави Гвардиола.
Доку во летниот преоден рок пристигна во Манчестер сити од Рен за 55.400.000 фунти и има постигнато три гола во сите натпреварувања.
Белгиецот се бори за место во нападот на „Граѓаните“ со Гралиш, кој се уште нема постигнато гол во Премиер лигата оваа сезона.
„Жереми и Џек можат да играат во исто време, но кога не играат, следниот ден тренираат подобро затоа што знаат дека им доаѓа моментот, а кога ќе бидете ментално подготвени, ќе играте добро. Начинот на кој играше Грилиш на „Олд Трафорд“ ни дава поголема смиреност и моќ на таа позиција, која беше одлучувачка. Ни требаат сите. Имаме многу натпревари и секој треба да се натпреварува. Тогаш и ќе победуваме и сите ќе бидат среќни. Мораме да го направиме тоа“, изјави Гвардиола.
Сити во вторник на домашен терен го пречекува Јанг Бојс во натпреварот од Лигата на шампионите и со победа по само четири кола ќе обезбеди учество во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.