Манчестер сити ќе бидат „судени“ според трофеите кои ги освојуваат и неуспехот да се запечати титулата од Премиер лигата во недела ќе значи обид да се „уништи“ тимот од критичарите, се пожали менаџерот Пеп Гвардиола.
Актуелните шампиони Сити имаат поен предност пред Ливерпул пред последното коло во Премиер лигата и со победа кај Брајтон ќе станат првиот тим кој ја одбранил англиската круна по Манчестер јунајтед на Сер Алекс Фергусон во 2009 година.
Сепак, Гвардиола е на „штрек“ од критичарите ако Ливерпул стане шампион, посочувајќи ја ситуацијата по елиминацијата во Лигата на шампионите од Тотенхем.
„Видовме во Лигата на шампионите. Кога ќе загубиме сите сакаат да го уништат тимот, клубот, менаџерот. Знаеме во каков свет живееме и дека ќе не судат. Мораме да победиме. Титулата нема да го смени оствареното, но за другите ќе биде многу важно. Ќе одиме на победа во Брајтон и тоа е тоа. Ќе мислиме на победа и на ништо друго“, вели Гвардиола.