Тренерот на Баерн Минхен, Јуп Хајнкес вели дека фудбалскиот свет мора да се „опушти“ со критиките кон Реал Мадрид и нивниот тренер Зинедин Зидан, посочувајќи дека само пред недели сите веруваа дека „Лос бланкос“ се најдобриот тим на светот.
По разочарувачката низа резултати, кои кулминираа во 3:1 поразот од Тотенхем во Лигата на шампионите, дел од шпанските медиуми тврдеа дека Зидан е пред отпуштање иако 18 месеци носеше само успеси на „Сантијаго Бернабеу“.
Ветеранот Хајнкес, кој беше тренер на Реал во 1997/98, вели дека ситуацијата треба да се „опушти“, посебно откако Зидан донесе две титули од ЛШ.
„Пред пет недели, Мадрид беше најдобриот тим на светот, а сега сите ги критикуваат. Така одат работиве деновиве, пребргу. Светот на фудбалот треба малку да се опушти и да биде реален и објективен. Мислам дека јас го правам тоа“, вели 72-годишниот Хајнкес.
Зидан го замени Рафа Бенитез како тренер на Мадрид во јануари 2016 кога тимот беше трет во лигата и имаше три порази во низа. Тој веднаш направи пресврт, и иако не успеа да ја освои домашната титула, Реал го совлада локалниот ривал Атлетико на пенали во финалето на ЛШ. Една година подоцна Зидан ја освои националната титула, и го крена трофејот од ЛШ по 4:1 победата над Јувентус.
Оваа сезона уште се во игра на сите фронтови, иако слабиот лигашки старт ги донесе на осум поени зад Барселона пред 11. коло, во кое во недела гостуваат на Канарските Острови кај слабите Лас Палмас.