Селекторот на Јапонија, легендата на босанскохерцеговскиот фудбал, Вахид Халихоџиќ, вели дека во кариерата направил многу глупави одлуки, пропуштајќи да биде тренер на големи тимови и репрезентации.
Во интервју за „Гол“, популарниот Ваха, вели дека во 2014 по Светското првенство во Бразил одбивал неколку големи тимови и дека тоа било „огромна грешка“. Сепак, тој верува дека по јапонската „авантура“ ќе избере тим каде што би освојувал трофеи.
„По СП во Бразил имав многу понуди и направив одлука која беше несфатлива. Искрено и за мене, и за моето семејство. Но, дадов збор на пријател, кој тогаш стана претседател на Трабзонспор и ветуваше дека можеме да станеме шампиони. И така од репрезентација која се бореше со Германија, недела дена подоцна бев опкружен со група на играчи кои никогаш ги немав видено. Тоа беше разочарувачки. Одбивав големи клубови од Англија, Италија и Франција. Не бирав многу мудро, а искрено понекогаш одев и глупаво“, признава Халихоџиќ.
Тој признава дека ќе ја напушти јапонската репрезентација по Мундијалот во Русија.
„Кога ќе си заминам од Јапонија добро ќе размислам каде ќе одам следно. Би сакал да водам клуб или репрезентација за да се борам за титули. Сепак, за едно нешто не жалам. Каде и да одев, добро ме прифаќаа – во Африка, Европа, Лил, Париз, Алжир. Тоа ми е најголемата победа“, вели Халихоџиќ.