Плејмејкерот на Евертон, Хамес Родригез во јули ќе наполни 30 години, но признава дека пензијата е блиску, бидејќи нема никакви планови да игра „како старец“.
Колумбиецот има шест гола во деби сезоната на „Гудисон парк“ обидувајќи се да се навикне на играта во Премиер лигата и има договор до 2022 година со опција за уште 12 месеци, но вели дека не планира долга кариера.
„Не сум размислувал за тоа и не би можел да кажам каде би сакал да се пензионирам. Но, нема да биде долго бидејќи не сакам да играм како старец. Засега, сакам да уживам во играта, да учам, но и да помагам на младите фудбалери“, вели Родригез.
Тој ја започна кариерата во локалниот клуб Енвигадо, пред да игра во Банфилд во Аргентина, за во 2010 да се пресели во Порто, каде што помина три сезони. По ова тој играше за Монако, пред на СП во 2014 година да има фантастичен настап и да замине во Реал Мадрид. За „кралевите“ тој постигна 37 гола во 125 натпревари, освојувајќи две титули од ЛШ, но не ги исполни очекувањата пред да биде пратен на позајмица од 2017 до 2019 во Баерн Минхен. По уште една сезона со малку настапи под Зинедин Зидан, Карло Анчелоти го убеди да ја прифати понудата од Евертон.