Top Sport

Хамшик останува фокусиран и покрај рекордот на Марадона

Капитенот на Наполи, Марек Хамшик ветува дека нема да дозволи мислата дека може да го сруши рекордот на Диего Марадона за голови за наполитанскиот тим да му пречи во обидот на „партенопеи“ да им го донесе првото скудето од 1990 година.

Со голот во 3:0 победата над Каљари на почетокот на октомври, Хамшик стигна до цифрата 114 голови, еден помалку од рекордот на аргентинската легенда, која донесе трофеи во Наполи во 1987 и 1990 година. Словакот оттогаш нема стрелано и признава дека размислува за рекордот, но вели дека е опседнат со една работа – титула од Серија А.

„Мислам на рекордот, тоа е вистина, но секогаш сум постигнувал голови. Тие ќе дојдат и не сум вознемирен. Мислам на тимот и на резултатите, бидејќи тие се поважни од моите лични рекорди. Среќен сум од нашата форма и во мислите го имам скудетото“, вели Хамшик.

Наполи, кои се лидери во Серија А, во сабота ги очекува тежок домашен меч против Милан, кои се очајни за резултати.

Scroll to Top