Top Sport

Хаос во Берлин, повредени 155 полицајци

Најмалку 155 полицајци се повредени во нереди на навивачите на натпреварот меѓу Динамо Берлин и Енерџи Котбус во германската четврта лига, соопшти берлинската полиција.

Полицијата соопшти дека при вдишување на солзавецот испукан од полицијата за да се спречат немирите се повредени 43 градски и 73 федерални полицајци, телесно се повредени 28 федерални полицајци, а 11 од нив се здобиле со рани од пиротехнички средства.

„Билд“ наведува дека се уапсени 74 навивачи, а против 62 е поднесена кривична пријава, меѓу другото, за „нарушување на мирот, физички напади врз органите на прогонот и давање отпор при апсење“.

Натпреварот беше прекинат во 20. минута поради тепачка на трибините, при што навивачите на Динамо запалија шалови и знамиња со симболите на ривалскиот тим.

Во соопштението се додава дека навивачите пукале со пиротехнички средства кон полициските сили и редарите кои стоеле во близина на теренот, по што припадници на безбедносните сили влегле на трибините и се обиделе да ги приведат навивачите.

Енерџи Котбус победи со 2:0, а судирите меѓу навивачите продолжија и по натпреварот, пишува „Билд“. Котбус остана лидер во поредокот на две кола пред крајот, со два бода повеќе од Грајсвалд, со големи шанси за враќање во третата лига.

Scroll to Top