Германската полиција соопшти дека 79 лица се повредени во голем навивачки бунт по натпревар од регионалната лига меѓу клубовите Карл Цајс Јена и БСГ Хеми Лајпциг.
Навивачите на двата клуба насилно ги отворија портите кои ги разделуваа и жестоко се судрија по натпреварот во саботата во Јена, објави Би-Би-Си. Полицијата употреби солзавец и палки за да ги раздвои навивачите, а во нередите беа повредени 64 навивачи, 10 полицајци и пет лица од обезбедувањето.
Пред натпреварот, околу 350 домашни навивачи започнаа ненајавен марш низ градот, поставувајќи пиротехнички средства, а полицијата беше принудена да ги спречи.
Во текот на натпреварот пред 7.224 гледачи, кој домашниот тим го доби со 5:0, двете навивачки групи користеа пиротехнички средства.
Раководството на клубот Карл Цајс Јена соопшти дека нередите се непријатен крај на играта и на повредените им посака брзо закрепнување.