Хаос владее во италијанската Серија Б, откако пред почетокот на новата сезона банкротираа три екипи (Бари, Авелино и Чезена). Во овој момент наместо предвидените 22 Серија Б има 19 клуба.
Раководството на Серија Б најави дека првенството ќе почне со 19 екипи, идеја која не е прифатлива за Фудбалскиот сојуз на Италија, Здружението на фудбалерите (АИЦ) и клубовите кои минатата сезона не успеаја да изборат опстанок..
АИЦ најави штрајк на фудбалерите доколку лигата започне со 19 екипи.
„Ние сме против ваквата одлука. Втората лига не може да се игра со 19 тимови. Доколку тоа се случи ќе има последици од кои ќе биде тешко враќањето назад. Предлогот на челниците е смешен“, рекол претседателот на АИЦ, Дамјано Томаси, најавувајќи штрајк, доколку лигата започне.
„Одлуката за намалувањето на бројот на екипите не е во ингеренциите на челниците на ова натпреварување. Ситуацијата е тешка и мораме да ја решиме пред да започне шампионатот“, дополнил Томаси.
Незадоволни се и клубовите што минатата сезона не изборија опстанок (Новара, Про Верчели и Тернана), како и Сиена, екипа што не ги мина дополнителните квалификации. Овие екипи се со став дека некои од нив треба да се натпреваруваат во Серија Б.
Стартот на сезоната во италијанската втора лига е закажан за в петок, со натпреварот помеѓу Бреша и Перуџа.