Top Sport

Хаотичниот одложен меч меѓу Лече и Каљари заврши 2:2 – црвени картони, тепачки… (видео)

Лече и Каљари денеска го одиграа својот одложен меч од 13. коло во Серија А и мечот сигурно не разочара – Лече се врати од 0:2 негатива за 2:2 реми со гол во 91. минута во дуел во кој имаше многу мешаница, бизарни моменти и три црвени картони.

Каљари дојде во водство со гол од пенал во 30. минута, пред Раџа Наинголан со прекрасен гол да зголеми на 0:2 во 67. минута, по што следуваа лудите последни 10 минути.

Во 82. минута беше досуден пенал за Лече, откако Фабрицио Качатора со голманска парада спречи топката да влезе во голот, нормално добивајќи црвен картон.

Џанлука Лападула беше сигурен од белата точка, по што настана хаосот. Гостинскиот голман Олсен ја шутна топката надвор од теренот, по што влезе во конфликт со Лападула, туркајќи го, а потоа удирајќи го со глава. Откако се смири „гужвата“, судијата им додели црвени картони на Лападула и Олсен.

Марко Калдерони предизвика еуфорија кај домашните навивачи откако во 91. минута успеа да израмни за поен за Лече. По 13 кола, Каљари е на четвртото место со 25 поени, исто колку што има и Рома, додека Лече се на 17. место со 11 поени.



Scroll to Top