Top Sport

Хавиер Клементе: Кој ќе понесе одговорност ако нешто му се случи на Јамал?

Поранешниот селектор на шпанската репрезентација Хавиер Клементе изјави дека не се согласува со одлуката на актуелниот селектор,Луис де Ла Фунте, дел од репрезентацијата на ЕП да биде и 16-годишниот тинејџер на Барселона Ламин Јамал.

Клементе, познат по прекарот „Малиот Наполеон“, смета дека Јамал е физички премлад за таков фудбал и е изложен на ризик од повреда.

Јамал, кој е само една година во сениорскиот фудбал, во сабота би можел да стартува против Хрватска на првиот натпревар на Европското првенство.

„Искрено, јас не сум за тоа. Тоа е мое мислење. Не сакам да се мешам во критериумите на селекторот Луис де ла Фуенте, тој го повика во репрезентацијата и ќе го стави во игра. Јас не би го направил такво нешто со 16-годишен играч“, изјави 74-годишниот Клементе.

Клементе, кој ја предводеше Шпанија од 1992 до 1998 година, рече дека би ги консултирал докторите „дали може да се гарантира дека толку млад играч ќе ги издржи пожестоките стартови и дека е физички подготвен за такви натпревари. „Доколку ми одговори потврдно, би го одобрил тоа“, изјави тој.

Клементе предупредува дека младите играчи кои сè уште растат се изложуваат на сериозни повреди кога започнуваат да се натпреваруваат со физички посилни и постари играчи, при што може да им се оштетат колената.

„Ако нешто му се случи, никој нема да може да ги „мие рацете“ од тоа. Вината ќе биде кај докторот или кај оној што му дозволил да игра“, нагласи тој.

По Хрватска, Шпанија ќе игра со европскиот првак Италија и Албанија. Шпанските медиуми проценуваат дека во стартниот состав ќе биде 178 сантиметри високиот Јамал.

Клементе изјави дека за време на неговиот изборен мандат имал сличен случај со младиот напаѓач на Реал, Раул Гонзалес, кој по квалитет ги надминувал своите врсници.

„Раул, сепак, најпрвин играше за младата репрезентација до 21 година, бидејќи напорот таму е помал отколку во сениорската репрезентација. Тој порасна, стана физички посилен и стекна искуство. Многумина ме критикуваа што веднаш не го повикав во сениорската репрезентација , а фала му на Бога што не го повикав. Раул кариерата ја заврши на 34 години без сериозна повреда“, рече тој.

Во текот на својата кариера, Клементе раководеше со клубови како Бетис, Атлетик Билбао, Марсеј, Реал Сосиедад и селекциите на Србија, Камерун и Либија.

Scroll to Top