Асоцијацијата на англиските фудбалски новинари го избра капитенот на Ливерпул Џордан Хендерсон за најдобар играч во сезоната 2019/2020.
Хендерсон во изборот го победил Кевин Де Брујне од Манчестер сити, Маркус Рашфорд од Манчестер Јунајтед и соиграчите Вирџил ван Дајк, Садио Мане, Алисон Бекер и Трент Александер-Арнолд. Капитенот на Ливерпул освоил повеќе од една четвртина од гласовите.
„Им благодарам на сите оние што гласале за мене. Ѝ благодарам и на Асоцијацијата на фудбалските новинари. Кога ќе погледнам кој се ја освојувал оваа награда, како Стивен Џерард, Луис Суарез, Мохамед Салах ми станува јасно колкава чест имам“, рекол 30 годишниот Англичанец.
Хендерсон е 12 фудбалер на Ливерпул кој ја добил оваа награда. Во минатото лауреати биле Мохамед Салах, Луис Суарез, Стивен Џерар, два пати Џон Барнс, Стив Никол, Иан Раш, два пати Кени Далглиш, Тери Мекдермот, Емлин Хјуз, Кевин Киген и Иан Калаган.
Наградата за играч на годината во Премиер лигата новинарите ја доделуваат од 1948 година.