Ѕвездата на Тотенхем, Хери Кејн признава дека не знае дали ќе остане во премиерлигашот по шпекулациите во англиските медиуми дека е подготвен да замине од Лондон во потрага по титули.
27-годишниот Англичанец е миленик на фановите на Спарс, но околу него има постојани шпекулации за можен трансфер ова лето, а пред Европското првенство, тој вели дека сега не е вистинско време за такви прашања.
„Мислам дека тоа е тешко прашање да се одговори сега. Се фокусирам на двата меча со Англија и на остатокот на сезоната со Тотенхем, пред Европското првенсто. Да се размислува за шпекулации во моментов ќе биде штетно за моите перформанси. Сакам да останам фокусиран на работата која е пред мене, да имаме добар финиш на сезоната со Тотенхем и да одиме на ЕП. Ќе видиме што ќе се случи на крајот на летото“, вели Кејн.
Англичанецот е во Тотенхем од својата 11-та година, поминувајќи ја целата кариера со клубот, за кого постигна 215 гола во 327 настапи, со што е втор стрелец во историјата на клубот зад Џими Гривс. Но, со титулите не може да се пофали – досега има само две финалиња со Тотенхем, во Лига купот и во Лигата на шампиони.