Шпанската фудбалерка Џенифер Хермосо поднесе официјална тужба до обвинителството против Луис Рубиалес, претседателот на Шпанската фудбалска федерација, пренесуваат шпанските медиуми.
Скандалот околу бакнежот кој се случи откако шпанските фудбалерки ја освоија титулата светски шампионки летово не завршува тука. На церемонијата, Рубиалес ја бакна во уста шпанската фудбалерка, која од почетокот на целата приказна тврди дека сѐ се случило без нејзина согласност.
Многу брзо тој момент стана спортска приказна број еден во Шпанија, но и пошироко, со дискусија за правата на жените и сексистичкото однесување.
Откако ќе го добие извештајот на фудбалерката, обвинителството мора да донесе одлука дали ќе покрене истрага или не. Доколку 46-годишниот Рубиалес биде обвинет и осуден, му се заканува затворска казна до пет години.
ФИФА привремено го суспендираше Рубиалес на 90 дена, колку што треба да трае внатрешната истрага, додека Шпанската фудбалска федерација неделава објави дека го отпуштила Хорхе Вилда, кој како селектор ја водеше женската фудбалска репрезентација до светското злато.