Top Sport

Херој на денот е 33-годишниот голман-дебитант на Вест хем

Голманот Дејвид Мартин прво падна на теренот во солзи, а потоа доби емотивна прегратка од својот татко, откако успеа да не прими гол во своето деби за клубот од детството Вест хем при 1:0 победата на гости кај Челси.

33-годишниот ветеран чекаше повеќе од 15 години за деби во Премиер лигата, и јасно беше колку му беше важен моментот, додека навивачите на „чеканите“ пееја: „Број 1 во Англија“.

Мартин ја започна кариерата со Вимблдон во 2004 година, пред тимот да се трансформира во МК Донс, а потоа во 2006 година дојде во Ливерпул како 20-годишник со големи амбиции. Но, по низа позајмици во пониските лиги, тој беше продаден назад на МК Донс во 2010, каде што помина седум години, носејќи ги од Лига 1 во Чемпионшип во 2015 година. Потоа тој играше за лутите ривали на Вест хем, Милвол, но имаше само 11 настапи минатата сезона, пред да се пресели во својот омилен клуб ова лето како трет голман – зад Лукаш Фабијански и Роберто.

Но, долгорочната повреда на Фабијански и слабата форма на Роберто, го примораа менаџерот Мануел Пелегрини да му даде шанса на ветеранот, кој на крајот заврши во прегратки со својот татко, Алвин Мартин, кој е поранешен фудбалер на „чеканите“ за кои играше во одбраната и помогна да се освои ФА купот во 1980 година.

„Татко ми не ми кажа многу, бидејќи двајцата бевме во солзи. Мојот татко помина 21 година во Вест хем и секако дека беше емотивен по моето деби и тоа со ваква голема победа“, вели Мартин.

Scroll to Top