Кога првите две ѕвезди на уругвајската репрезентација, Луис Суарез и Единсон Кавани не успеаја да ги искористат своите големи шанси, Хозе Хименез во финишот на натпореварот го скрши отпорот на Египет за супер-важна минимална победа од 1:0
Египет го остави на клупа својот херој, Мохамед Салах, кој не се опорави навреме од повредата на рамото, но и без него африканската репрезентација се покажа како цврст противник, додека Уругвајците за малку ќе зажалеа за многубројните пропуштени шанси, посебно на тие на напаѓачот на Барселона, Луис Суарез.
Суарез во 23. минута од мечот имаше огромна шанса, откако по мешаницата во египетскиот шестнаесетник, уругвајскиот напаѓач од пет метри ја погоди само надворешната страна на мрежата. Теренската доминација на Уругвај не донесе некои позначајни шанси до крајот на полувремето во кое немаше фудбал за воодушевување.
На почетокот на второто полувреме, Суарез повторно имаше големо промашување, откако по асистенција на Кавани, тој мина двајца дефанзивци пред голманот Ел-Шенави да му влезе во шутот. Во 73. минута, Суарез повторно доби одлична топка од Кавани, но повторно посилен е египетскиот голман.
Во 88. минута, Кавани од слободен удар го погодува дирекот, за конечно во 90. минута, фудбалерот на Атлетико Мадрид, Хименез да погоди за важни три поени за првите фаворити во групата А.
Египет сега ќе мора да изненади на мечот со домаќинот Русија доколку сака да има шанси за пласман во втората рунда, додека Уругвај во вториот меч ја пречекува Саудиска Арабија.
Фото: ЕПА