Откако во февруари стана најстариот играч кој забележал асистенција во Лига Европа, крилниот напаѓач на Реал Бетис, Хоакин, стана и најстариот стрелец во ова натпреварување.
Бетис, во четвртокот, го совлада Лудогорец со 3:2 во натпреварот од 2.коло од групата Ц во Лига Европа, а вториот гол за Шпанците го постигна Хоакин.
Со 41 година и 56 дена, Хоакин сега и официјално е најстариот играч кој постигнал гол во ова натпреварување.
Претходниот рекорд го држеше Даниел Хестад, кој постигна гол за Молде во ноември 2015 година на возараст од 40 години и 98 дена.
Хорхе Молина беше прецизен за Хетафе со 38 години и 324 дена, а во Топ пет се Давид Катала од АЕК Ларнака со 38 години и 224 дена и Валтер Самуел, тогаш играч на Базел со 37 години и 333 дена.
Хоакин кариерата ја започна во Бетис, потоа играше за Валенсија, Малага и Фиорентина, а во Бетис се врати во 2015 година.
За шпанската репрезентација играше од 2002 до 2007 година. Одигра 51 натпревар и постигна четири гола.