Поранешната голманка на американската репрезентација, Хоуп Соло го обвини експретседателот на ФИФА, Сеп Блатер за сексуален напад на доделувањето на „Златната топка“ во 2013 година.
36-годишната Соло тврди дека Блатер, швајцарскиот претседател на ФИФА кој е под бројни истраги за корупција, ја „грабнал за газот“ на доделувањето на наградите кога ја доделувале наградата за најдобра фудбалерка во годината.
Соло ова го открива во интервју со португалскиот весник „Експресо“, кое ќе биде објавено во сабота, но пред неколку дена објави пост на Инстаграм во кој зборуваше за сексуалните напади и злоупотреби во женскиот фудбал.
„Последните денови размислувам за сите незгодни ситуации во кои сум била јас или моите колеги во текот на годините, со лекарите, тренерите, извршните директори, дури и со соиграчите. Од непријатни коментари, несакани флертувања до грабање за газот, зборување за нечии гради. Секогаш мислев дека стојам на своето во такви ситуации, но никогаш немаше последици. Тоа мора да се смени. Тишината нема да смени ништо“, напиша Соло.
81-годишниот Блатер, кој беше избран за претседател на ФИФА во 1998 година е суспендиран од ФИФА поради исплатата на 1.35 милиони фунти до тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини во 2011 година. Тој се реши да одговори преку својот портпарол кој кратко изјави: „Овие обвинувања се смешни“.