Top Sport

Хрватска чека финале, Калиниќ чека нов клуб

Никола Калиниќ сигурно се прашува што би било кога би било. Напаѓачот на Милан ја имаше можеби „најнесреќната“ епизода на Светското првенство во Русија – неговата Хрватска стигна до големото финале, а тој беше пратен дома уште по натпреварите по групи.

30-годишниот Калиниќ беше „набркан“ од репрезентацијата откако тој одби да влезе како замена во финишот на натпреварот со Нигерија, првиот на Хрватска на Мундијалот, тврдејќи дека е повреден. Селекторот Златко Далиќ не го прифати тоа објаснување и во договор со фудбалерите реши да го прати дома.

Иако Калиниќ јавно не се изјаснил околу целиот случај, и тешко неговата верзија да има нешто што ќе ги интересира хрватските фанови, неговиот агент, Томислав Ерцег го „проби мразот“.

„Репрезентацијата? Сега е бесмислено да се зборува за тоа што се случи во Русија. Животот оди понатаму за него и за сите“, вели Ерцег.

И на клупско ниво не му оди најдобро на Калиниќ – неговиот Милан се наоѓа во финансиска криза, а тој имаше потпросечна сезона, по што „росонерите“ јавно потврдија дека сакаат да го продадат ова лето.

„За жал, оваа година не беше добра, но сигурен сум дека Никола наскоро ќе покаже колку навистина вреди. Преодниот рок? Ќе видиме, сега не е време за зборување“, додава Ерцег.

Калиниќ се врати дома

Scroll to Top