Хрватска и Холандија обезбедија победи во последното коло од групната фаза на Лигата на нации за да го осигураат првото место во нивните групи и да се пласираат во плејофот на натпреварувањето на УЕФА. Холанѓаните во директен дуел ги совладаа соседите Белгија со 1:0, додека Хрватска стигна до 1:3 победа на гости кај Австрија, со што не дозволија Данците да им го преземат првото место по нивната импресивна 2:0 победа над Франција.
Во Виена, Лука Модриќ ги донесе во водство „коцкестите“ по само шест минути игра, но селекцијата на Ралф Рангник одговори бргу, со голот на Баумгартнер во 9. минута. Овој резултат не им одговараше на гостите, така што играа напаѓачки и во 69. минута Иван Перишиќ фантастично го пронајде Марко Ливаја за водство, за две минути подоцна ветеранот Дејан Ловрен со одличен гол со глава да зголеми на 1:3.
Данците, пак, вторпат во групната фаза беа подобри од светските шампиони Франција, стигнувајќи до 2:0 победа во Копенхаген. Напаѓачот на Севилја, Каспер Долберг во 34. минута ги донесе домаќините во водство, за само три минути подоцна Андреас Сков Олсен да зголеми на 2:0.
Во групата 4, Холандија вторпат во циклусот стигнаа до победа над соседите Белгија, овојпат благодарение на голот на Виргил ван Дајк во 73. минута од мечот.
ЛИГА НА НАЦИИ НА УЕФА
ЛИГА А, ГРУПА 1
Австрија – Хрватска 1:3
Данска – Франција 2:0
ЛИГА А, ГРУПА 4
Холандија – Белгија 1:0
Велс – Полска 0:1
ЛИГА Ц, ГРУПА 1
Фарски Острови – Турција 2:1
Луксембург – Литванија 1:0
ЛИГА Ц, ГРУПА 3
Азербејџан – Казахстан 3:0
Словачка – Белорусија 1:1
ЛИГА Д, ГРУПА 1
Андора – Летонија 1:1
Молдавија – Лихтенштајн 2:0