Никола Калиниќ сериозно ја нарушил атмосферата во хрватската фудбалска репрезентација, поради што селекторот Златко Далиќ, донел одлука тој да биде отстранет од националниот тим. Хрватска светското првенство го продолжува со 22.фудбалери.
Хрватска, во саботата, со победа 2:0 над Нигерија стартуваше на СП, а во финишот на тој меч Калиниќ одбил да влезе во игра.
Селекторот Далиќ, во 86.минута, планирал напаѓаќот да го внесе во игра на местото на Манџукиќ, но Калиниќ одбил со образложение дека го боли грбот.
Хрватските медиуми пренесуваат дека и на пријателскиот меч со Бразил, одигран пред почетокот на СП, Калиниќ исто така го одбил селекторот, во ситуација кога тој имал намера да го внесе на теренот во финишот на мечот.
„Екипата е составена од 23.фудбалери и секој од нив мора да живее за репрезентацијата. Доколку тоа не е така, нема да има добра атмосфера. За нас важен играч е и Чорлука, а тој без збор прифати да биде резерва“, рекол селекторот Далиќ.
Инаку, Калиниќ зад себе има лоша сезона, иако во Милан беше донесен како големо засилување во нападот. Во еден дел од сезоната беше и суспендиран од тренерот Џенаро Гатузо, бидејќи не се трудел доволно на тренинзите.