Селекторот на фудбалската репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ, пред пријателскиот натпревар со Португалија, рекол дека погрешно била протолкувана неговата изјава поврзана со Кристијано Роналдо и неговата одлука да не присуствува на доделувањето на наградите за најдобрите играчи во Лигата на шампионите.
„Него не го интересира дали тимот победил или не, туку му е важно да постигне гол“, рекол Далиќ по доделувањето на наградите со што предизвика лавина од коментари.
Во пресрет на мечот што неговата репрезентација ќе го одигра во Португалија, селекторот решил малку да ги смири страстите велејќи дека неговата изјава била погрешно протолкувана.
„Роналдо е е еден од најдобрите играчи во светот и еден од најдобрите на сите времиња. Јас неодамна давав изјави поврзани со негативните коментари упатени на адреса на Лука Модриќ. Лично немам ништо против Роналдо. Моите изјави беа погрешно интерпретирани и можам само да кажам дека ми е жал што тоа се случи. На моето ливче, Модирќ беше број 1, Роналдо број 2. Мислам дека Модриќ заслужи да биде најдобар играч во Европа и во светот. Оваа година ја обележа тој, никој не ги освои трофеите што ги освои тој“, им изјавил Далиќ на хрватските новинари.
Тој дополнил дека неговиот коментар бил поврзан со недоаѓањето на Роналдо на свечената церемонија во Монте Карло, а не се однесувал на фудбалските квалитети на Португалецот.