Иако сигурно не носи љубов во срцето кон Реал Мадрид, менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола го пофали „кралскиот клуб“ за нивниот успех во Лигата на шампионите каде што сега имаат три титули во низа.
„Тоа е спектакуларен успех и мора да им се симне капа за тоа. Не е важно дали некој смета дали го заслужуваат тоа или не, многу е тешко да се стигне до такво остварување. Го покажаа својот квалитет и се надевам дека ќе ги спречиме пред да земат и четврта титула. Зидан заврши фантастична работа“, изјави Гвардиола, кој е назад во Барселона, каде што учествуваше во фестивалот на фондацијата „Јохан Кројф“.
Каталонецот исто така имаше и коментар за својот поранешен клуб и за заминувањето на Андрес Иниеста.
„Барселона имаа добра сезона и ако продолжат вака, имаат доволно сили за следната сезона. Фудбалот не завршува со фудбалер или два, дури и да се работи за имиња како Чави и Иниеста. И без нив Барса е најдобриот фудбалски клуб на светот и не ја губи својата ДНК“, вели Гвардиола.
Фото: ЕПА