Хрватска и Данска во продолжение, а можеби и на пенали ќе решаваат кој ќе игра со Русија во четврт-финалето на Мундијалот, откако по фуриозните први четири минути, двете репрезентации одиграа тактичка игра во која како да го чекаа крајот на регуларниот дел.
Мечот почна изненадувачки за двете репрезентации. Уште во првата минута, Јоргенсен постигнува гол за Данците по уфрлањето на Кнудсен и мешаницата во шестнаесетникот на Хрватите.
Хрватска неверојатно врати уште во четвртата минута. Врсаљко уфрли во шестнаесетникот, топката по паничната одбрана на Данците се одби од Кнудсен и заврши пред Манџукиќ, кој лесно го совлада Шмајхел.
По ваквиот старт, следуваше смирување на играта, и Хрватска иако беше доминантна со топката, данската игра се покажа како многу цврста. Во 13. минута, Модриќ одлично го наоѓа Ребиќ, но тој не е на висината на задачата.
Данците се закануваат во 27. минута по одличната игра на Брејтвајт, кој излегува сам пред Субашиќ, но голманот брани. Само две минути подоцна Ракитиќ од далеку го „тестира“ Шмајхел, а на одбиената топка прв стигнува Ребиќ, чиј удар Шмајхел повторно го брани, за Перишиќ да не се снајде најдобро во третиот обид. Хрватите можат да жалат за ваквите шанси.
Во 37. минута, по слободниот удар на Модриќ, Ловрен со глава ја удира топката, но таа поминува покрај голот. Данците покажуваат дека се опасни кога Кристијан Ериксен еден обид кој изгледаше како центаршут ја погоди пречката!
Падот на играта на Хрватите во второто полувреме ја користат Данците, кои ја преземаат иницијативата. Брејтвајт во 56. минута и нововлезениот Јоргенсен во 72. минута имаат добри ситуации пред хрватскиот гол.
Модриќ во 77. минута со неубедлив удар од дваесетина метри без вистинска опасност за Шмајхел, исто како и Ребиќ во 78. минута. Многу прекини, малку течна игра и малку шанси на двете страни.
Во 84. минута, Хрватите повторно пропуштија голема шанса откако нововлезениот Пивариќ уфрли во шестнаесетникот, но напаѓачите како да не беа подготвени. Данците во самиот финиш повторно се во офанзива, меѓутоа и тоа не донесе гол.
Двете репрезентации имаат двапати по 15 минути да направат нешто повеќе.
Фото: ЕПА