Top Sport

И со освоена двојна титула, Баерн ќе го отпуштат Ковач?

Нико Ковач ќе биде отпуштен од тренерското место во Баерн Минхен ова лето без разлика дали ќе успее да ја донесе двојната германска круна во Баварија, јавува „Спокс“, по само една сезона во германскиот гигант.

Поранешниот хрватски репрезентативец беше донесен на „Алијанц арената“ по импресивната сезона со Ајнтрахт Франкфурт, како познато лице, бидејќи во кариерата играше за баварскиот клуб. Но, од почетокот на неговата работа постоеја многу сомнежи дали тој е подготвен за работа во голем клуб.

Баерн заостануваа многу во Бундеслигата, пред да бидат елиминирани во осминафиналето на Лигата на шампионите од Ливерпул. Но, финишот на сезоната е подобар за Баерн, кој може да освои две титули. На Ковач му треба да избегне пораз од својот поранешен клуб Ајнтрахт во сабота за да ја освои седмата титула во низа за Баерн, а во финалето на ДФБ купот играат против РБ Лајпциг на 25 мај.

Ова нема да ги убеди првите луѓе на клубот да ја зголемат довербата во својот тренер, а посебно се загрижени за конфликтите со фудбалерите. Карл-Хајнц Румениге, генералниот директор на Баерн е еден од „противниците“ на Ковач, а сега со него почнува да се согласува и претседателот Ули Хенес.

Се верува дека него ќе го замени уште еден поранешен фудбалер на Баерн, Марк ван Бомел, кој ја загуби битката за холандската титула на чело на ПСВ Ајндховен со силниот Ајакс.

Scroll to Top