Top Sport

Играч на Севилја наместо во Серија А, може да оди во затвор

Дефанзивецот на Севилја Кике Салас (23) се најде во центарот на истрагата под сомнение за поврзаност со нелегално обложување. Според шпанските медиуми, вклучувајќи ги „Марка“ и порталот „Ел Конфиденсијал“, Салас на своите пријатели им давал информации врз кои ги базирале своите облози, вклучувајќи и совети да се обложуваат на неговите настапи.

„Ел Конфиденсијал“ објави пораки на „WhatsApp“ кои наводно потврдуваат дека Салас им препорачувал на своите пријатели да се обложуваат на жолти картони, кои потоа тој намерно ги добивал. Според тие наводи, тој овозможил исплата на добивки во неколку наврати.

Националниот полициски центар за интегритет во спортот и борба против обложување (Cenpida) се занимава со случајот од јануари, а токму во текот на тој месец Салас беше приведен како дел од истрагата, во тренинг центарот на клубот.

Истрагата имаше директно влијание врз неговата кариера, бидејќи му пропадна трансферот во Лацио. Казната за ваквото однесување може да достигне до три години затвор, но постои можност казната да се намали доколку се постигне договор со засегнатите обложувалници. Бидејќи неговите постапки не влијаеле на конечниот резултат од натпреварите, постапката не се води под сомнение за местење на резултатите.

Според достапните информации, пријателите на играчот заработиле вкупно околу 9.000 евра во шест наврати, а секој добитен облог бил поврзан со јавни опомени што ги добил Салас.

Самиот играч наводно немал директна финансиска корист, туку го искористил својот статус на професионален фудбалер за да им овозможи на другите да остварат профит.

Scroll to Top