Играчите на Локомотив Москва го одбиле прелогот на клубот платите за април и мај да им бидат намалени за 40 отсто. Одлуката на играчите ја поддржал и тренерот Јури Сјомин.
Поради пандемијата што во светот ја предизвика коронавирусот клубовите се обидуваат да ги намалат трошоците со намалување на платите. Во Русија играчите на Зенит, ЦСКА Москва и Спартак се согласиле нивните плати да бидат намалени, меѓутоа истиот предлог не поминал во Локомотив.
Локомотив изминатите две сезони играше во Лигата на шампионите и според некои проценки само од учеството клубот заработил околу 50 милиони евра. Поради тоа на Сјомин и неговите фудбалери не им е јасно зошто тие треба да се откажат од дел од своите плати.
„Играчите со пласманот во главната фаза во Лигата на шампионите, во изминатите две сезони, му овозможија на клубот да заработи сериозна сума на пари. Од некоја причина на ова никој во клубот не обрнува внимание. Поради тоа немојте да ги обвинувате играчите дека се алчни и не благодарни, бидејќи не размислувале за клубот кој ги храни. Ова е заеднички процес, фер е да се каже дека тие повеќе го хранат клубот, отколку клубот нов“, напишал во колумната за „Спорт Експрес“, 72 годишниот Сјомин.
„Најлесно е да им кажете на играчите да се откажат од платите, многу потешко е кон нив да се однесувате со доза на почит. На крајот тоа се момците што произведуваат емоции кои денес ни недостигаат, немојте тоа да го заборавите. Од договорот со клубот не живеат само фудбалерите туку и нивните семејства“, заклучил во колумната тренерот на Локомотив.
Нов состанок помеѓу клупските челници и фудбалерите е закажан за наредната недела но прогнозите се дека ништо нема да се смени.