Top Sport

Игуаин не сака враќање во Италија

Гонзало Игуаин признава дека уште се навикнува на англискиот фудбал, но посочува дека планира да остане во Челси и по крајот на оваа сезона.

Аргентинскиот напаѓач има само три гола за „сините“ откако дојде на позајмица од Јувентус во јануари, по што и менаџерот Маурицио Сари призна дека Пипита се мачи со физичкиот фудбал на островот. Околу неговата иднина има голема неизвесност, бидејќи Челси се жалат на забраната на трансфери која им ја додели ФИФА. И покрај ова, тој вели дека сака да остане на „Стемфорд бриџ“.

„Среќен сум тука. Секогаш е убаво кога ќе дојдеш во нова лига и ова е моето прво искуство во Премиер лигата. Уште сум во период во кој се адаптирам, но се надевам дека ќе имаме добар крај на сезоната. Најважно е да се квалификуваме за Лигата на шампионите, но може и да го освоиме трофејот од Лига Европа. Од лична гледна точка сакам подобар финиш за да останам тука и следната сезона. Лондон е убав град, се живее убаво и можеш да бидеш и релаксиран и да уживаш. Затоа сакам да останам тука.  Кога ги гледаш натпреварите на ТВ забележуваш дека е брза и моќна лига, но кога играш го чувствуваш тоа уште посилно. Дефанзивците се посебно силни, а секој може да победи секого“, вели Игуаин.

Тој исто така призна дека е голема „чест“ да се игра покрај Еден Азар.

„Вистинско задоволство и вистинска чест е да се игра покрај него. Се работи за голем фудбалер и се надевам дека знае колку е важен за овој тим, бидејќи тој може да ја направи разликата на крајот на сезоната“, вели 31-годишниот Игуаин.

Scroll to Top