Аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди беше „мета“ на шпекулации дека наскоро ќе го напушти Интер и ќе ја продолжи кариерата во дресот на Реал Мадрид, но тој сега тврди дека ќе ја заврши кариерата со италијанскиот гигант.
Иако неодамна го продолжи договорот со „нероаѕурите“ до 2020 година, италијанските медиуми велат дека се подготвува и ново продолжување, со кое ќе остане дополнителни три години и ќе добие повисока плата – околу 8 милиони евра по сезона.
„Додека самите не ме истераат од Интер, останувам тука до крајот на кариерата“, изјавил Икарди за „Газета дело спорт“.
Икарди е на добар пат да стане само шестиот фудбалер во историјата со 100 гола во Серија А пред неговиот 25. роденден. Тој има 96 гола, а 25. роденден го слави во февруари, така што е на добар пат да се приклучи на Џузепе Меаца, Силвио Пиола, Џампјеро Бониперти, Феличе Бореал и Хозе Алтафини.